Македонскиот првак Шкупи е најпријатното изненадување по вчерашните мечеви од квалификациите во Лигата на шампионите откако успеа да одигра 2:2 на гости кај Динамо Загреб. Шкупи водеше со 1:0, потоа беше во заостанување од еден погодок, а на крајот си замина непоразен од „Максимир“.
Овој резултат за многумина е изненадување, посебно ако се знае дека само пред една недела Шкупи гостуваше во Гибралтар кај Линколн и загуби со 2:0. На тој меч чаирчани се мачеа, беа притиснати од полуаматерите од Гибралтар, а благодарение на победата од 3:0 во првиот меч, се пласираа понатаму.
По вчерашното реми на Шкупи против Динамо, хрватските новинари беа збунети како може еден тим да загуби од ривал од Гибралтар, а потоа да одигра одлично и да ремизира против Динамо, и тоа во Загреб.
„Сите во Македонија мислеа дека ќе загубиме. Знаеме што е Динамо, тим што секоја година игра во Лигата на шампионите или Лигата на Европа. Ние ги дадовме последните атоми од силите и заслужено сме непоразени. Како може да загубиме во Гибралтар, а потоа да ремизираме на Максимир? Е, па затоа фудбалот е интересен. Таму имавме проблеми, долго време патувавме и сè се собра негативно тој ден“, вели Седлоски.
На 26 јули во Скопје е реваншот меѓу Шкупи и Динамо Загреб, а тимот кој ќе победи на овој меч, ќе се пласира во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите.