Алисон дос Сантос е новиот светски атлетиски првак на патеката од 400 метри со пречки откако го освои златниот медал на првенството во Јуџин. Бразилскиот атлетичар на најдобар можен начин стигна до златото откако истрча со време од 46,29 секунди, што е нов светски рекорд.
Ова време на Дос Сантос е речиси за една секунда побрзо од досегашниот рекорд на Кевин Јанг, кој трчаше 47,18 секунди и опстојува уште од 1993 година. Тоа значи дека речиси 30 години никој не успеал да го надмине времето на Јанг, а сега Дос Сантос тоа го прави на доминантен начин.
Освен рекордот што го постави, Дос Сантос е во фокусот на светската атлетска јавност и по неговата тажна приказна уште од времето кога бил бебе. Атлетичарот има рани по главата и целото тело поради еден немил настан.
Кога имал само 10 месеци, тој живеел со баба му и дедо му, а во еден момент тавче со врел зејтин во кој се пржела риба се истурило врз Алисон. Бебето добило изгореници од трет степен, па неколку месеци поминало во болници, а лекарите на крајот успеале да го спасат, но лузните останале.
Најмногу лузни има на главата каде на некои делови не му расте коса, на челото, лицето, градите и левата рака. Поради овие лузни, Дос Сантос делува многу постаро од неговите 22 години. Иако имал многу проблеми во детството поради тие повреди, Бразилецот покажал како треба човек да се бори со сите предизвици, па сега стигна и до светското злато соборувајќи светски рекорд кој опстојуваше речиси три децении.
Дос Сантос има и сребрен медал од Олимписките игри кои минатата година се одржаа во Токио, а ако се знае дека има само 22 години, пред него е уште поголема блескава атлетска иднина.