Барселона не престанува да изненадува со трансферите. Според најавите, следен на листата на нови играчи во каталонскиот гигант треба да биде Ињиго Мартинес. Искусниот централен дефанзивец на Атлетик Билбао е пред преселба на „Камп Ноу“.
Се зборува дека веќе е договорена соработка на четири години, а за да биде целосно реализиран трансферот, потребно е да се договорат двата клуба. Актуелниот договор на Мартинес со Атлетик Билбао истекува следното лето, што значи дека ако Баскиците не го продадат сега, веќе за 12 месеци може да го загубат без пари.
Мартинес има 31 година и потекнува од младинската школа на Реал Сосиедад, каде има одиграно 238 мечеви, а постигнал и 17 погодоци. Во Атлетик Билбао пристигна во јануари 2018 година и досега има 159 настапи за овој клуб.
Барселона во овој преоден рок веќе ги доведе Роберт Левандовски, Рафиња, Андрес Кристенсен и Френк Кеси.