Бразилски талент си ја загрози кариерата: Пијан направил сообраќајка со смртни последици

Талентираниот бразилски фудбалер Ренан Виктор да Силва е во неочекувани проблеми. Дефанзивецот кој има само 20 години, беше главен виновник за сообраќајна несреќа во која загина еден човек.

Фудбалерот возејќи го својот автомобил скршнал во спротивната лента, од каде доаѓал моторцикл и се случил сударот. Од силината на ударот, возачот на моторот починал. Се работи за 38-годишен човек.

Ренан веднаш бил уапсен, а полицијата на самото место утврдила дека фудбалерот бил пијан. Бил однесен во притвор, но може да се брани од слобода. Младиот дефанзивец не ни имал „вистинска“ возачка дозвола, туку само привремена која сега му е одземена.

Ренан играше како позајмен играч во екипата на РБ Брагантино, но по овој инцидент, челниците на овој клуб решија да му го раскинат договорот. Сега се очекува истото да го направи и неговиот матичен клуб, славниот Палмеирас. Ренан беше голема фудбалска надеж, а неговата вредност на фудбалскиот пазар сега се проценува на девет милиони евра.

- Оглас -

Најнови вести