Српската атлетичарка Ивана Шпановиќ остана без медал на Светското атлетско првенство во скок во далечина и тоа само поради една одлука на компјутерот. Во третата серија од финалната серија, Шпановиќ имаше одличен скок и стигна на границата од 7 метри, можеби и некој сантиметар повеќе, а судијата крена бело знаменце дека скокот е добар.
Сепак, скокот не беше мерен, но компјутерот кој го следи местото на одраз при скокот процени дека сепак имало престап и дека Шпановиќ згазнала на недозволеното место. Атлетичарката не можеше да верува дека компјутерот видел престап, па на крајот Србинката заврши на седмото место во финалната серија, а скокот кој ќе ѝ донесеше медал се брои како престап.
До златото во оваа дисциплина на СП во атлетика стигна Германката Малаика Михамбо со прескокнати 7,12 метри, додека на второто место заврши Есе Бруме од Нигерија. За бронзениот медал се водеше најголема битка, а на крајот на третото место се израдува Летисија Оро Мело од Бразил со прескокнати 6,89 метри.