Шкупи има убава шанса да го елиминира Динамо Загреб во второто квалификациско коло за настап во Лигата на шампионите и реваншот вечер од 21 часот во Скопје ќе го почне со одличен резултат 2:2.
Чаирчани засега се далеку од фазата по групи во Лигата на шампионите, за тоа им треба елиминација на Динамо, потоа веројатно и на Лудогорец и плејоф двомеч за да се стигне до историски подвиг што би им донел најмалку 15,64 милиони евра.
Толку е почетната награда од УЕФА за пласман во фазата по групи во луксузното натпреварување, а има приходи и од ТВ-права, потоа и за секој освоен бод, а победата се вреднува со 2,8 милиони евра и ремито со 930 илјади евра.
Динамо Загреб би заработил повеќе со нов настап во фаза по групи во ЛШ, и тоа поради подобар клупски рејтинг на УЕФА-листата, повеќе пари од ТВ-права, па на Модрите стартен ќар би им бил 23 милиони евра.
Постои можност за Шкупи и за Динамо Загреб да играат во Лигата на Европа или во Конференциската лига на УЕФА, но таму наградата е многу помала за настап во фазата по групи.
Во Лигата на Европа се добива сума од 3,63 милиони евра за настап во фазата по групи, а за најслабото според рејтинг натпреварување на УЕФА, Конференциската лига, настап во фаза по групи носи најмалку 2,94 милиони евра.
Со елиминација на Динамо Загреб, македонскиот првак ќе продолжи во третата квалификациска рунда за пласман во Лигата на шампионите, но ќе има осигурен настап во Конференциската лига на УЕФА и речиси 3 милиони евра во каса.
Ако го елиминираат и Лудогорец, кој е голем фаворит, против Шемрок во оваа рунда и победи дома со 3:0, па треба да го прегрми реваншот во Ирска, тогаш Шкупи би играл плејоф-двомеч за настап во Лигата на шампионите, а би имал загарантирано учество во Лигата на Европа ако загуби во плејофот за ЛШ.
Во тој случај македонскиот првак би инкасирал најмалку 3,63 милиони евра.