Владица Брдаровски, како и сите во Шкупи со нетрпение го очекуваат стартот на реванш-мечот со Динамо Загреб вечерва од 21 часот во Скопје, дуел што може да му донесе многу на македонскиот првак.
Влогот, но и очекувањата по ремито 2:2 на „Максимир“ се зголемија и успех може да му донесе историски резултат на Шкупи, со загарантиран настап во Конференциската лига на УЕФА и најмалку 2,94 милиони евра во клупската каса.
Еден од адутите на домаќините на Арената „Тодор Проески“ за нов подвиг и елиминација на хрватскиот првак е дефанзивецот Владица Брдаровски.
„Кога ќе го чуеш иметио Динамо Загреб, веднаш се чувствува респект. Но, ние нема само да се браниме, покажавме и на Максимир дека знаеме да играме и да даваме голови. Динамо сè уште е фаворит, а јас верувам дека Шкупи ќе оди понатаму“, вели популарниот Брда.
Тој беше во составот на Вардар, но не играше против Динамо во квалификациите за ЛШ пред шест години.
Тогаш Вардар предводен од Гоце Седлоски, кој сега е тренер на Шкупи, загуби на двата меча, со 1:2 и 2:3, но двомечот, како и сега, беше неизвесен.
„Не знам дали Вардар имаше посилна екипа тогаш од сегашниот состав, ниту дали тој Динамо или овој се поквалитетни. Знам само дека сите во клубот и тогаш и сега посакувавме да го елиминираме Динамо. Пред шест години не успеавме, а верувам дека сега ќе ни појде од рака. Тоа би донело многу радост за Шкупи и навивачите и би се прославило лудо“, вели Брдаровски.
Правилото на УЕФА за пробив понатаму со гол повеќе на гости при израмнет вкупен резултат веќе не важи, па Шкупи мора да го победи Динамо, без разлика дали во регуларен дел во реваншот, по продолженија или на пенали за да се пласира во третото коло квалификации за настап во ЛШ.