Динамо Загреб се намачи, но стигна до посакуваната цел, а тоа е победа во Скопје против Шкупи за пласман на хрватскиот првак во следната фаза од Лигата на шампионите. Аријан Адеми го даде погодокот вреден пласман на Модрите во третото квалификациско коло.
Дуелот на Арената „Тодор Проески“ заврши околу 23 часот, но голем дел од фудбалерите на Динамо уште најмалку два часа потоа не смееја да си заминат. Зошто?
Поголем дел од фудбалерите на Динамо беа одбрани да бидат дел од допинг-контролата. Оние кои немаа потреба да бидат на допинг-контрола, стрпливо чекаа во автобусот, додека останатиот дел чекаа да ги завршат процедурите околу допинг-контролата.
Меѓу оние кои ги немаше да излезат во предвиденото време беа и македонските репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристевски, што најверојатно значи дека и тие биле дел од избраните за допинг, што е еден вид стандардна процедура на УЕФА мечевите.
На стадионот „Тодор Проески“ се угасија сите рефлектори, си заминаа речиси оние луѓе кои беа задолжени за организацијата на мечот, а единствено на стадионот останаа фудбалерите на Динамо кои долго во ноќта ги вршеа процедурите околу допинг-контролата на УЕФА.