Кои ќе бидат противници на Македонија на Европското првенство во одбојка во септември годинава ќе се знае на 16-ти јануари. Ждрепката ќе се влече во Брисел, еден од четирите градови-домаќини на првенството кое е закажано за 13-ти до 29-ти септември.
Синоќа нашите одбојкари остварија историски успех и првпат се пласираа на завршница на континентален шампионат, па како дебитанти, ќе имаат улога на аутсајдери, но и самиот пламан на ЕП е огромен успех.
Во првиот шешир се: Русија, Србија, Италија и Полска. Во вториот се: Бугарија, Германија, Финска и Чешка. Во третиот се: Естонија, Словачка, Турција и Шпанија. Во четвртиот се: Португалија, Украина, Грција и Црна Гора (и Црногорците се дебитанти на ЕП). Во петтиот шешир се: Белорусија, Македонија, Романија и Австрија. Во секоја од четирите групи ќе има и по еден домаќин, а тоа се: Франција, Белгија, Словенија и Холандија.