Еден од најискусните кошаркарски репрезентативци на Македонија, Бојан Крстевски, се надева дека конечно ќе имаме успешни настапи во еден квалификациски циклус. Македонија се подготвува за првите два меча од вториот круг на претквалификациите. Ќе играме против Данска и Словачка, а во групата Д е уште и националниот тим на Норвешка.
„Пред сè, имаме околу дваесетина дена, од кои седум во Маврово, добро да се подготвиме и да влеземе во натпреварувачки ритам. Екипата сега е малку повеќе комплетна во однос на претходно, имаме и нов селектор со кого добро се познаваме. Имаме еден контролен меч со Црна Гора, кој ќе биде најава за двата претквалификациски дуели, вели Крстевски, кој додава дека очекува позитивни резултати.
„Се надевам дека ќе ги минеме овие претквалификации. Словачка ни е добро позната, во неколку наврати имаме играно и имаме позитивен скор, се надевам дека така и ќе продолжи. Данска и Норвешка можеби не звучат атрактивно, но не може да се потценат затоа што денес сите играат кошарка. Одиме чекор по чекор и се надевам на позитивен исход. Секој играч ни е добредојден за помош во овие предизвици“, најавува Крстевски.