Тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски, смета дека неискуството било клучен проблем во двобојот со Шемрок бидејќи ирскиот тим знаел како да ги казни грешките на македонскиот првак.
„Шемрок е добра, цврста екипа и заслужено победи. Не бевме комплетни, но тоа не е оправдување. Во првиот дел како да не постоеше нашиот среден ред. Направивме три измени, кои внесоа свежина, но противник како Шемрок не простува грешки. На вакви натпревари сè уште сме далеку од нив“, изјави Седлоски по мечот на „Тодор Проески“.
За Шкупи останува да се бори за влез во Конференциската лига, каде што можни ривали му се КИ Клаксвик од Фарски острови и Балкани од Косово.