Реал Мадрид конечно му се реваншираше на Олимпијакос по трите последователни порази во меѓусебните дуели, па со конечни 94:78 ја запиша вкупно 15-тата победа во Евролигата. „Кралевите“ повторно фаќаат залет во европското натпреварување, веќе нанижаа три победи, додека грчкиот гигант го претрпе вториот пораз во последните пет меча.
Реал комплетно го контролираше мечот откако неизвесноста траеше само неколку минути во воведниот период. На паузата заминаа со +8 во своја корист (54:46), додека во четвртата четвртина ја остварија и највисоката предност со разлика од 19 поени.
Рендолф беше најефикасен во победата на Реал со 16 поени и осум скока, по 13 додадоа Кампацо и Ајон. Ледај со 15 поени и осум скока беше најрасположен во составот на Олимпијакос, а Вилијамс-Гос заврши со 13 поени и пет асистенции.