Остана Вардар да биде единствен македонски клуб со учество во групната фаза во едно од натпреварувањата на УЕФА, поточно Лигата на Европа, во сезоната 2017/18. Македонскиот првак Шкупи вчера потрфли во плејофот против Балкани, не стигна до групите во Конференциската лига, по што макфудбалот трпи слободен пад според клупската ранг-листа за успешност на УЕФА.
Имено, поради слабите резултати, од следната сезона тимот кој ќе биде шампион на Македонија, обврските во Европа ќе ги почне од претквалификациите, каде што играат најслабите екипи од Андора, Гибралтар и слични земји каде што фудбалот не е толку развиен. Бидејќи македонските екипи не остварија барем уште еден триумф и реми, Македонија загуби место во квалификациите за ЛК, односно наместо вкупно четири места за натпреварувањата на УЕФА (едно во ЛШ и три во ЛК), шанса за излез на меѓународната сцена ќе добијат вкупно три екипи.
Според резултатите, иако Шкендија не стигна до плејоф-рундата, односно во ЛК испадна во третото квалификациско коло, сепак тетовци остварија најдобар учинок во летните квалификации. Најслаб ефект имаше Академија Пандев, тимот од Струмица испадна во првото квалификациско коло во Конференциската лига, а Македонија Ѓорче Петров испадна во второто коло од истото натпреварување.