Нема поефикасен асистент од Дејан во Премиер лигата, Кејн со јубилејни голови ги урна Шумарите (видео)

Тотенхем со сигурни 2-0 славеше на гостувањето кај Нотингем Форест благодарение на јубилејните погодоци на Хари Кејн, но и асистенцијата на Дејан Кулушевски.

Кејн уште во петтата минута го отвори резултатот, заврши како двоен стрелец, а можеше и до хет-трик ако Хендерсон не му го одбранеше пеналот во второто полувреме. Имено, англискиот голгетер стигна до 201 лигашки погодоци, од кои 187 му се во Премиер лигата, девет во Чемпионшип и уште пет во Лига 1, третото по ранг првенство во Англија.

Кулушевски пак, асистентот на првиот гол, ја запиша 10-тата асистенција во Премиер лигата откако пристигна во Лондон на почетокот од годинава. Откако Дејан игра во англискиот шампионат, ниту еден друг играч нема забележано повеќе наместени погодоци.

Во последните 10 минути од средбата, Кејн одново ја затресе мрежата на Шумарите, овојпат со глава по нафрлувањето на Ришарлисон. Со 187 гола во Премиер лигата, Кејн се израмни на вечната листа со Енди Кол на третото место, повеќе од него имаат само Вејн Руни (208) и Алан Ширер (280 гола).

 

- Оглас -

Најнови вести