Каспер Руд и Карлос Алкараз ќе играат во финалето на последниот тениски Гренд слем турнир за оваа година, Отвореното првенство на САД. Норвежанецот Руд немаше многу проблеми и со 3:1 во сетови славеше против Карен Хачанов и тоа со 7:6, 6:2, 5:7, 6:2.
За разлика од Руд, младиот шпански тенисер Алкараз одигра уште еден исцрпувачки меч кој на крајот го доби. Во дуелот со Френсис Тиафо, Шпанецот победи со 6:7, 6:3, 6:1, 6:7, 6:3. Дуелот траеше 4:22 часа, што навистина е неверојатно како издржа Алакараз ако се знае дека во четвртфиналето играше 5:18 часа против Синер, а во осминафиналето повторно мораше да игра пет сета и дуелот против Марин Чилиќ траеше четири часа. Тоа значи дека за последните три победи, Алкараз мораше да одигра 15 сета и на теренот да остане неверојани 13 часа и 40 минути.
Руд и Алкараз за прв пат ќе играат во финале на еден Гренд слем турнир, а победникот во тој меч, освен трофејот што ќе го добие за најдобар, ќе се искачи и на челната позиција на АТП листата.
На главниот терен во Њујорк, денеска се игра финалето во женска конкуренција меѓу Ига Свијатек и Онс Жабур.