Многу познати спортски личности и организации му посакаа среќно пензионирање на швајцарскиот тенисер Роџер Федерер, кој вчера официјално објави дека се повлекува.
Но, помина речиси цел ден, а уште нема порака од Новак Ѓоковиќ, кој заедно со Федерер и Рафаел Надал го сочинуваа најдоброто трио во историјата на тенисот и ќе биде тешко достижно во иднина. Надал напиша порака до ривалот Федерер, со кого имаа многу легендарни пресметки, но Србинот уште молчи.
По социјалните мрежи се води војна зошто Ѓоковиќ молчи. Едни сметаат дека му е лут на Федерер што не му дал поддршка кога беше протеран од Австралија, други дека е срамно и неспортски ова што уште го нема да се јави, а трети велат почекајте, ќе има простување, и тоа во живо, а не само преку социјалните мрежи.
Федерер најави дека последен турнир ќе му биде Лејвер купот, а таму како негов соиграч од репрезентацијата на Европа ќе биде и Ѓоковиќ. Затоа може да се очекува дека Ѓоковиќ токму таму, кога и дефинитивно ќе биде готово, ќе се прости од човекот за кого во минатото рече дека ако некој тениската игра ја има доведено до перфекција, тогаш тоа е Федерер.