Бугарскиот фудбалски сојуз ги информира љубителите на фудбалот кај нашиот источен сосед кои сакаат да дојдат во Скопје на 26 септември, за гостувањето на репрезентацијата на Бугарија во Македонија, дека им е обезбедена фан зона.
Собиралиштето на бугарските фанови ќе биде паркингот на салата СРЦ Кале, таму ќе може и да ги паркираат своите возила и од пред салата ќе тргнат кон блок 11 на источната трибина на арената „Тодор Проески“, каде што ќе бидат сместени.
На Бугарите им е приложена и карта со локација на фан зоната и местото на трибините.
Бугарските навивачи не може да купат билети, а тие што ќе се пријават за доаѓање во Скопје, ќе добијат пропусници по цена од 6 евра.