Хрватскиот ППД Загреб стигна до првата победа во Лигата на шампионите откако на свој терен со 29:23 го победи Порто, на чиј гол беше Никола Митровски. На трибините во салата беше и македонскиот фудбалски репрезентативец Стефан Ристовски, кој го гледаше шоуто на некогашниот миленик на вардаровата публика Тимур Дибиров.
Легендарниот руски ракометар и на 39 години е незадржлив за противниците, па со 10 погодоци беше предводник во триумфот на Загреб. Дибиров погоди 10 од 15 шута. Митровски имаше седум одбрани за Порто, но тоа на крајот се покажа како премалку за гостинскиот тим да се спаси од пораз.
Загреб добро го отвори мечот и поведе со 6:3, а потоа имаше и четири гола водство (13:9). До крајот на првиот дел Порто намали на 16:15, а гостите на почетокот на вториот дел имаа и егал (18:18). Следуваше низа од 3:0 за Загреб, а при резултат 22:21, домаќините со фуриозна игра во клучниот период од мечот стигнаа до сигурен триумф од шест разлика.