Новинарот на шпанската „Марка“, Делфин Мелеро, е убеден дека по Манчестер сити, следен клуб на Ерлинг Халанд ќе биде Реал Мадрид.
„Халанд моментно игра за Манчестер сити, но тој таму е на позајмица од Реал Мадрид“, рече Мелеро.
Името на Халанд во летниот преоден рок се поврзуваше со Реал Мадрид, но претседателот на Кралскиот клуб, Флорентино Перес, одлучи сите сили да ги насочи кон Килијан Мбапе. На крајот, Французинот одлучи да остане во ПСЖ, а Халанд од Борусија Дортмунд се пресели во Манчестер сити.
Но, новинарот на „Марка“ смета дека Перес намерно не тргнал по Халанд бидејќи е убеден дека следниот клуб на Норвежанецот ќе биде токму Реал Мадрид. Перес го „одложил“ трансферот на Норвежанецот сè додека Карим Бензема не ја заврши кариерата и потоа за нов напаѓач и лидер на тимот ќе го донесе токму Халанд.
Ерлинг Халанд фантастично ја започна сезоната во дресот на Манчестер сити и само по осум кола собори неколку рекорди. Во дербито против градскиот ривал, Манчестер јунајтед, Халанд постигна три гола и стана првиот фудбалер што имал три хет-трика на три домашни натпревари по ред во Премиер лигата.