Барселона загуби на „Џузепе Меаца“ од Интер со 1:0 и каталонскиот гигант остана само со три бода по три меча во групната фаза од Лигата на шампионите. Чалханоглу беше стрелец на голот што донесе радост на Интер, а гостите сметаат дека главниот судија Славко Винчиќ во две клучни ситуации донел одлука на штета на Барселона.
Првиот момент се случи во 67-мата минута, кога Педри даде гол за Каталонците, но радоста траеше кратко. Од ВАР-собата сигнализираа дека во тој напад, непосредно пред топката да дојде до Педри, удри во раката на Ансу Фати, кој беше во воздушен дуел.
Откако судијата Винчиќ ја погледна повторената снимка, забележа дека топката удри во раката на Фати, а потоа дојде до Педри, кој погоди. Основата на која Барселона цели дека тоа е регуларен погодок е фактот дека ФИФА пред една и пол година објави нови правила кога се работи за играње со рака, па според тие правила, голот на „Џузепе Меаца“ треба да е регуларен.
Правилото вели „Ненамерно играње со рака по кое следува гол или гол-шанса веќе не се смета за прекршок“, стои во правилата на ФИФА.
При голот на Педри, Фати ненамерно играше со рака затоа што момент претходно голманот на Интер ја удри топката, го смени правецот и го „закачи“ Фати во раката. Тоа е ненамерно играње со рака, кое се објаснува во ФИФА правилото, но арбитерот не го примени.
Втората ситуација се случи во 92-рата минута, кога беше дилема дали играчот на Интер со рака играше во сопствениот шеснаесетник, но тогаш Винчиќ реши да не гледа ВАР и одлучи дека немало услови за пенал за Барселона.