Бразилскиот суд во Сао Пауло ја потврди најголемата затворска казна во историјата на спортот, која е оценета како најтежок степен на повреда на спортската етика.
Поранешниот тренер на гимнастичарската репрезентација на Бразил, Фернардо де Карвалјо Лопез е осуден на 109 години и осум месеци затвор поради силување на четири спортистки, меѓу кои најмалку една била малолетна.
Веднаш по изрекувањето на првостепената пресуда, Карвалјо Лопез најави жалба затоа што смета дека е невин и дека целиот случај е наместен против него за да му го уништат животот. Карвалјо Лопез важеше за еден од најдобрите тренери во кој било спорт во Бразил.
Пред неколку години, 40-тина гимнастичарки го обвинија тренерот дека биле жртва на морално, физичко и сексуално злоставување. Поради скандалот, Карвалјо Лопез не беше дел од гимнастичарскиот тим на Бразил на Летните олимписки игри во 2016 година.
Во 2019 година доби доживотна забрана за работа во спортот, а сега дојде и затворската казна која треба доживотно да го остави зад решетки.