Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром со победа над освојувачот на Купот, ТФТ, ја отвори новата сезона во домашниот шампионат.
Двата тима се сретнаа минатата недела во Суперкупот и повторно МЗТ Скопје се радуваше на победата, овојпат со 60:74.
Воведните минути од натпреварот поминаа во грешки на двата тима, но како што одминуваше времето, така и ТФТ и МЗТ Скопје влегуваа во свој ритам, а првата четвртина заврши со предност на шампионот 19:14.
Во втората четвртина се разигра домашниот тим, кој со серија од 10:0 направи резултатски пресврти и поведе со 28:25. Но, одговорот на шампионот дојде преку Војдан Стојановски, кој со две реализации по ред иницираше серија по која шампионот одново „побегна“ на безбедни (39:31) по 20 минути игра.
Третата четвртина се покажа одлучувачка за победникот бидејќи кошаркарите на МЗТ Скопје успеаја да дојдат до плус 20 (59:39), по што рутински ја одработија последната четвртина и со победа ја започнаа новата сезона.
Крстевски и Кефи постигнаа по 13, а Војдан Стојановски 10 за МЗТ Скопје, додека кај ТФТ се истакнаа Ташовски, Стојановски и Андерсон, кои дадоа по 12 поени.