Роналдо го скрши мразот во Премиер лигата со јубилејниот гол

Манчестер јунајтед со 1:2 славеше на гостувањето кај Евертон во десеттото коло од Премиер лигата, а во центарот на вниманието беше Кристијано Роналдо.

Роналдо во 44 минута го постигна голот за 1:2, резултат кој на крајот се покажа како конечен, и притоа дојде до неверојатно постигнување.

Овој гол беше негов 700. во клупскиот фудбал во неговата дводецениска кариера.
Роналдо професионалната кариера ја започна во Спортинг Лисабон и играше уште за Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и Јувентус.

Тој постигна 5 гола за Спортинг, 118 за Јунајтед во првиот негов престој на „Олд трафорд“, а најефикасен беше во дресот на Реал Мадрид за кого даде дури 450 гола. 101 гол постигна како играч на Јувентус, а во вториот мандат како играч на Јунајтед досега постигна 26 гола.

Вечерашниот погодок воедно беше негов прв во Премиер лигата оваа сезона.
Претходно, Евертон поведе со голот на Алекс Ивоби во петтата минута, а Јунајтед израмни 10 минути подоцна преку Ентони.

Со триумфот, Јунајтед се искачи на петтото место на табелата со 15 бода, додека Евертон остана на 10 освоени бода. Во следното коло, Манчестер јунајтед на домашен терен го пречекува Њукасл, а Евертон му гостува на Тотенхем.

- Оглас -

Најнови вести