МЗТ Скопје Аеродром загуби во „Јане Сандански“ од Партизан со 74:92 (9:25, 23:23, 20:21, 22:23), во второто коло од регионалната АБА лига. Гостите од Белград во ниту еден момент не му дозволија на македонскиот првак да се понадева дека може да изненади.
Партизан почна фуриозно и по само две минути игра поведе со 9:0. МЗТ се мачеше во нападот, па во првите пет минути постигна само една тројка, а резултатот беше 11:3 за гостите. Црно-белите во осумата минута прв пат поведоа со двоцифрена предност 17:5, а по првата четвртина гостите имаа убедливи 25:9. Играчите на МЗТ во првите 10 минути имаа очаен шут за тројка и погодија само еднаш од 10 шута (10 отсто реализација).
На стартот од втората четвртина Партизан поведе и со 33:14 и во текот на целата четвртина ја одржуваше двоцифрената предност, која на полувреме изнесуваше 48:32.
МЗТ добро го почна второто полувреме и со серија од 6:0 намали на 38:48. Тоа беше знак Партизан да заигра посилно, па во 28 минута гостите прв пат поведоа над 20+ разлика (67:46). Гостите до крајот на дуелот успеаа да ја сочуваат двоцифрената предност која ја стекнаа по првата четвртина.
Кафи со 17 поени беше најефикасен кај МЗТ, а во редовите на домаќините со двоцифрен број на поени беа и Мичовиќ (13 п.) и Војдан Стојановски со 11 поени. Кај Партизан најпрецизни беа Ексум и Нанали со по 17 поени, а вкупно 10 од 12-те играчи кај гостите се запишаа во листата на стрелци.
Во следното коло МЗТ Скопје Аеродром ќе гостува во Подгорица кај Будуќност.