Малку повеќе од еден месец има до стартот на Светското првенство во Катар, а репрезентацијата на Аргентина е во големи проблеми. Откако во неделата се повреди Пауло Дибала, синоќа тоа го снајде и Анхел ди Марија. За двајцата фудбалери прогнозите се дека ќе треба да паузираат барем еден месец, што значи дека е можно да го пропуштат Мундијалот.
Дибала заработи бизарна повреда, и тоа кога го шутна пеналот на дуелот против Лече (даде гол). Лекарите велат дека голгетерот на Рома ќе треба да мирува од 4 до 8 недели, што значи дека мали се шансите да го видиме на планетарниот собир.
Ди Марија се повреди синоќа на гостувањето кај Макаби Хаифа во Израел и беше заменет уште во првото полувреме. Лекарите денеска треба да направат детални прегледи за да се утврди серизноста на повредата на Аргентинецот, кој секако беше планиран да биде стартер на Светското првенство.