Женската одбојкарска репрезентација на Србија се пласира во финалето на Светското првенство откако во полуфиналето со 3:1 во сетови го совлада актуелниот олимписки шампион, селекцијата на САД и ќе ја брани титулата освоена во Јапонија.
Српските одбојкарки славеа со 25:21, 25:21,17:25, 25:23 и во финалето ќе играат со подобриот од второто полуфинале, во кое се среќаваат Италија и Бразил. Мечот за златниот медал ќе се игра в сабота, во Апелдорн, Холандија.
Ова е второ финале за Србија, на претходното СП пред четири години што се одржа во Јапонија тие ја освоија титулата откако со 3:2 ја совладаа Италија во финалето.
Србија доминираше во првите два сета и најави нов убедлив триумф над САД, тие го совладаа олимпискиот шампион со 3:0 во сетови во групната фаза.
Но, во третиот сет следуваше пад, кој го искористија Американките за да намалат на 2:1 во сетови. Во четвртиот сет, Србија во финишот дојде до значајна предност и ја искористи третата меч-топка за да обезбеди пласман во финалето.
Тијана Бошковиќ беше неверојатна освојувајќи 33 поени, а огромен придонес дадоа и Бјанка Буша со 15 освоени поени, Јована Стевановиќ со 7 и Мина Поповиќ и Бранкица Михајловиќ со по 5 освоени поени.