Каталонските медиуми по завршувањето на 185-тото Ел Класико, кое заврши со триумф на Реал Мадрид од 3:1, „грмат“ на судиите. Ел Класико не може да помине без контроверзии, а каталонските медиуми грмат по судиите поради една нивна одлука.
Весникот „Спорт“ објави текст со наслов: Што уште треба да се случи?! Скандалозен пенал не е досуден за Барселона.
Весникот пишува дека спорен е моментот од 75-тата минута, кога Реал имаше водство од 2:0.
„Карвахал налета на Левандовски и го собори во шеснаесетникот на Реал кога тој беше во очигледна гол-шанса“, пишува „Спорт“ и продолжува:
„Судијата Санчез Мартинез беше добро поставен и виде сè, но сепак не досуди пенал. Играчите на Барселона бурно реагираа, но судијата одлучи да продолжи играта. Не одеше да ја погледне ситуацијата со помош на ВАР. Дури го предупреди Чави, кој бараше да му ја објасни одлуката“.
Неколку минути подоцна, Феран Торес намали на 2:1 и ја врати неизвесноста во натпреварот, а во тие моменти, според медиумите во Каталонија, имало уште еден спорен момент.
Во последната минута Мартинез досуди пенал за Реал Мадрид откако ја прегледа снимката. Родриго, кој беше фаулиран од Ерик Гарсија, го изведе пеналот и го совлада Тер Штеген и го постави конечниот резултат 3:1.
Весникот „Спорт“ издвои уште еден момент во кој Барселона била оштетена за пенал. Во моментите кога Реал водеше со 1:0, Роберт Левандовски го извлече подебелиот крај во воздушниот дуел со Давид Алаба.
„Алаба го удри Левандовски со лакот во главата, по што играчот на Барселона падна како покосен, но судијата не досуди ништо. Да ја прекинеше играта, тоа ќе беше пенал за Барселона бидејќи прекршокот се случи во шеснаесетникот на Реал“.