Кристијано Роналдо помина девет сезони во дресот на Реал Мадрид и им донесе многу радости на навивачите на шпанскиот гигант. Сепак, речиси по една деценија помината на „Сантијаго Бернабеу“, минатото лето Португалецот си замина од Реал и потпиша за Јувентус. Тоа како да беше знак дека Реал Мадрид веднаш треба да го заборави играчот кој стана најдобар стрелец во историјата на клубот, а благодарение на неговите голови, во витрините на мадридскиот гигант дојдоа многу од највредните трофеи.
На официјалната интернет-страница на Реал Мадрид, Роналдо го нема речиси никаде. Во изборот на УЕФА за најдобар тим за минатата сезона во Лигата на шампионите се најдоа дури петмина играчи кои беа најзаслужни што Реал Мадрид повторно го одбрани европскиот трон. Сепак, на фотографијата поставена на страната на Реал ги има Рамос, Варан, Модриќ и Марсело, додека Роналдо, кој беше најдобар и најзаслужен за освоената титула, го нема на фотографијата. Точно е тоа дека Роналдо сега игра за Јувентус, но тоа е избор за минатата сезона, кога Роналдо беше во Реал.
Реал на своите официјални профили на социјалните страници, „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Твитер“, престана да го следи Роналдо, и тоа веднаш откако беше објавено дека Португалецот ќе биде играч на Јувентус. Колку за споредба, кога Роналдо од Манчестер јунајтед се пресели во Реал Мадрид, англискиот гигант остана да биде „следбеник“ на Португалецот.
Со Роналдо во тимот, Реал освои дури четири титули во Лигата на шампионите, две во Примера дивисион, како и по две во Купот и Суперкупот на Шпанија. Реал со Роналдо двапати се радуваше и во Суперкупот на УЕФА и трипати на Светското клупско првенство. И покрај сите овие успеси и трофеи и вкупно 450 постигнати голови во 438 меча, за Роналдо нема место меѓу легендите на клубот, како што се Алфредо ди Стефано и Зинедин Зидан.