Шпанскиот гигант Барселона сезоната ја започна со најголеми амбиции, враќање на европскиот и шпанскиот трон, но изминатата недела одиграа два натпревари кои ги спуштија на земја, но и го ставија под голем притисок тренерот Чави Ернандез, кој може да добие и отказ, а веќе започнаа шпекулациите со негови потенцијални наследници.
Барселона прво на „Камп ноу“ одигра нерешено 3:3 против Интер и шансите за пласман во осминафиналето во Лигата на шампионите ги сведе на теорија, додека во неделата загуби со 3:1 од Реал Мадрид во најголемото фудбалско дерби на светот, поради што тренерот Чави се најде на удар на медиумите, но и на дел од управата на клубот.
Каталонскиот весник „Ел Насионал“ пишува дека челниците на Барселона размислуваат да му врачат отказ на Чави, а претседателот Жоан Лапорта веќе има список со три имиња како потенцијални наследници на клупата.
Според весникот, прво име во нотесот на Лапорта е тоа на Германецот Томас Тухел. Тухел минатиот месец доби отказ во Челзи иако минатата година триумфира во Лигата на шампионите.
Втора опција е Марсело Галјардо, кој по завршување на сезоната во аргентинскиот шампионат ќе си замине од клупата на Ривер плејт.
Третата опција е најмалку реална бидејќи станува збор за менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп. Клоп има договор до 2026 година со Ливерпул и тешко е дека англискиот тим ќе се согласи предвреме да го раскине договорот со Германецот.