Трансферот на Меси во ПСЖ ги прекршил законите на ЕУ?

Здружението на навивачите на Барселона денеска ја оспори регуларноста на трансферот на Лионел Меси во ПСЖ пред судовите на Европската Унија, објави новинската агенција АФП.

„Трансферот на аргентинскиот фудбалер во август 2021 година во клубот што е во сопственост на катарскиот инвестициски фонд бил незаконски и не бил во согласност со правилата на УЕФА и на ЕУ“, стои во тужбата.

Тужителите кои се застапувани од адвокатот Хуан Бранко, веруваат дека ПСЖ успеал да го ангажира Меси само благодарение на едногодишното одлагање на правилата за финансиски ферплеј од страна на Франција, а според нив, тоа е незаконска државна помош во корист на Светците.

Тие правила веќе беа на сила во Шпанија и токму поради нив, Барселона не успеа да го задржи Меси и со неговиот потпис за ПСЖ се наруши конкурентноста и пазарните правила, и тоа во корист на францускиот тим, се наведува во тужбата.

Адвокатот Бланко смета дека Европската комисија морала да ја истражи оваа наводна помош од француската влада за ПСЖ и поради тоа поднесе тужба до Судот на Европската Унија со седиште во Луксембург.

Од друга страна, Бруно Стромски од правната служба на Европската комисија ги отфрли овие тврдења.

„Нееднаквостите на кои тие се жалат не спаѓаат во државна помош, така што нема потреба ЕУ да реагира. Нема судска ревизија или можна жалба од страна на поединец против одлуката на европски извршен орган да не спроведе истрага. Исто така, многу е важно што самиот клуб Барселона не вложи жалба“, вели Стромски.

Одлуката на Судот на ЕУ се очекува да биде донесена за неколку месеци.

- Оглас -

Најнови вести