Проектот европска Суперлига сè уште е жив и има нов директор

Поранешниот директор на германската телевизија РТЛ, Берн Рајнхарт, денеска е избран за нов извршен директор на компанијата А22 Спорт Менаџмент, која стои зад проектот европска фудбалска Суперлига.

Суперлига е проект што го започнаа 12 тима (Реал Мадрид, Барселона, Јувентус, Арсенал, Челзи, Ливерпул, Манчестер cити, Манчестер jунајтед, Тотенхем, Интер, Милан, Атлетико Мадрид) во април минатата година, но поради критиките на јавноста, притисоци од владите и закани од УЕФА, девет клуба се откажаа од проектот и останаа само три гиганти.

Верни на проектот европска Суперлига се Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, а одлуката за именување нов директор на компанијата доаѓа во момент кога се чека одлуката на Европскиот суд на правдата за тужбата што ја поднесоа трите клуба.

Тие ја тужеа Европската фудбалска федерација (УЕФА) поради монопол над меѓународните натпреварувања, како што е Лигата на шампионите, односно не дозволува други меѓународни клупски натпреварувања кои не се под нејзина капа.

Во новиот проект на Суперлигата би биле вклучени повеќе клубови од други земји без разлика на каква одлука ќе донесе судот во Луксембург. Конечната одлука се очекува судот да ја донесе идната година.

„Неговата првична задача ќе биде да започне активен и проширен дијалог со фудбалски клубови, играчи, тренери, навивачи, медиуми и креатори на политики“, стои во соопштението на компанијата.

Рајхарт изјави дека ги поддржува претседателите на Реал, Барселона и Јувентус и ќе се бори да заживее Суперлигата.

„Верувам дека ги поставуваат вистинските прашања и лично сакам да слушнам повеќе различни ставови за да може европската фудбалска заедница заедно да ги најде вистинските одговори“, изјави Рајнхарт.

- Оглас -

Најнови вести