Роналдо се огласи по исфрлањето од тимот и пружи рака за помирување

Манчестер јунајтед го казни Кристијано Роналдо бидејќи Португалецот прво одби да влезе во игра, а потоа на две минути пред крајот на дуелот со Тотенхем, го напушти „Олд Трафорд“ и не ја прослави победата од 2:0 со соиграчите.

Управата на Јунајтед одлучи да го исфрли Роналдо од првиот тим и тој нема да игра против Челзи в сабота.

Откако ја дозна казната, Португалецот се огласи во јавноста преку социјалните мрежи.

„Како што правев во текот на мојата кариера, живеам и играм со почит кон соиграчите, противниците и тренерите. Тоа не се промени, јас не се променив. Сè уште сум истата личност, професионалец каков што бев во изминатите 20 години играјќи врвен фудбал. Почитта отсекогаш имала важна улога во носењето на одлуките. Почнав како многу млад играч, постарите и најискусните играчи секогаш ми беа пример. И секогаш се трудев да бидам пример на младите играчи во тимовите за коишто играв.

За жал, тоа не е секогаш можно, понекогаш жешката глава надвладува во носењето одлуки. Во моментов чувствувам дека треба да продолжам да работам напорно, морам да ги поддржам соиграчите и да бидам подготвен за секоја можност што ќе ми се даде.

Потклекнувањето пред притисокот не е опција, никогаш не ни била. Ова е Манчестер јунајтед, мора да истраеме заедно. Наскоро повторно ќе бидеме заедно“, напиша Роналдо.

- Оглас -

Најнови вести