Симона Халеп позитивна на допинг, Романката најавува најтежок меч во животот и борба за вистина

Искусната романска тенисерка и некогашна број 1 на ВТА-листата, Симона Халеп, на неодамнешното Отворено првенство на САД играла допингувана. Оваа вест шокираше многумина, а најмногу Романката, која тврди дека не земала недозволени средства и најави борба за вистината.

Халеп во моментов е деветта на ВТА-листата, а за време на една контрола во Њујорк за време на Отвореното првенство на САД, во нејзината крв е пронајдена забранетата супстанца роксадустат, која се користи против анемија.

Веднаш е доделена привремена забрана за настап на 31-годишната Халеп, а во следниот период ќе треба да се одреди времетраењето на суспензијата доколку се потврди дека земала допинг.

„Денеска за мене почнува најтешкиот меч, борба за вистината. Ми кажаа дека во екстремно мали количини ми пронашле забранета супстанца и тоа е најголем шок во мојот живот. Никогаш не сум помислувала да земам допинг и ќе се борам до крај да ја докажам вистината дека не сум земала намерно каква било илегална супстанца. Тука не станува збор за пари или титули, туку за мојата чест и 25-годишната љубов кон тенисот“, изјави Халеп.

Допингот не беше од помош за неа, Халеп загуби во првото коло на Отворено првенство на САД од Украинката Дарија Снигур. Инаку, таа во кариерата има две гренслем-титули, а од турнири заработила над 40 милиони долари, со што е трета во историјата на женскиот тенис.

- Оглас -

Најнови вести