Екипите со кои Перо Антиќ ја освојуваше евролигашката титула, Фенербахче и Олимпијакос, се на делба на првото место во Евролигата после четири одиграни кола, и тоа се единствените две екипи кои не знаат за пораз сезонава во елитното натпреварување.
Црвено-белите од Пиреа вечерва славеа во Виторија против Басконија со 97-92 во меч за паметење и многу пресврти. Грчкиот тим почна феноменално и првата четвртина ја доби со 32-16, но во вториот квартал сликата се смени целосно и Басконија направи пресврт. Баскијците во третата четвртина имаа и двоцофрена предност, а после 30 минути игра, Басконија водеше со 74-65.
Но, Олимпијакос не само што не се предаде, туку последната четвртина ја почна со серија од 14-0 и ја врати неизвесноста. Во финишот домашните не успеаја да си ја вратат предноста, па Олимпијакос извојува голема победа.