Интересно, Данецот Валтер ќе го „брани“ Пелистер од дански тим: Одиме на победа против Архус (Видео)

Данецот Ларс Валтер ќе го има европското деби на клупата на Еурофарм Пелистер, утре против своите сонародници од екипата на Скандерборг Архус во Битола во меч од првото коло во Европа Лигата.

Валтер вели дека на почетокот на новата сезона има доста проблеми, а незгодно е што извесен период се тренираше во Битола без шест стандардни играчи, кои се репрезентативци на Македонија.

Сепак Данецот очекува победа и конечно на европски меч да ја почуствува прочуената атмосфера на трибините во Битола.

„Ако го гледавте натпреварот против Пролет, не сме баш подготвени за Европа, затоа што игравме екстремно лошо. По десет дена без шест репрезентативци малку нарушен ни е ритамот, па затоа работиме денес и утре да се поправиме. Веќе денес тоа изгледа подобро и наша цел утре е победа. Видов многу натпревари на Архус оваа сезона. Не знам дали имаат проблеми, затоа што загубија многу натпревари со еден-два разлика. Во Данска секоја од шеснаесетте екипи во Првата лига може секого да победи. Можеби имаат премалку бодови, но тие се добра екипа. Играа многу брзо и мора да бидеме подготвени. Кога нашите навивачи се тука и ќе ја исполнат оваа сала тие се секогаш во форма и можеме да научиме нешто од нив. Извонредно е тука и едвај чекам да ја почувствувам таа атмосфера“, вели тренерот на Пелистер.

Оптимизам има кај ракометарите дека ќе успеат да ја кренат формата и утре да го надиграат незгодниот ривал од најтрофејната европска земја.

„Се подготвуваме многу добро, јако тренираме. Ја гледавме данската екипа како игра, се поставуваме да играме подобро и мислам дека ќе победиме. Многу добро ни дојдоа овие седум натпревари од домашното првенство, се разигруваме и тоа е многу добро за нас пред европските натпревари“, изјави Павле Атанасијевиќ.

И капитенот на битолчани, Мирко Радовиќ верува во успех и стартна победа на тимот во европскиот куп.

„Добро се подготвуваме, направивме видео-анализа. Знаеме каква екипа ни доаѓа. Играат добро тимски, брзо се движи топката, тоа е таа данска школа на ракомет. Многу брзо играат, трчаат брз центар… Немаме многу време за подготовка, но ние знаеме каква екипа сме и што можеме. Во оваа атмосфера мислам дека имаме шанси и тоа ќе го покажеме во вторник. Ќе видиме колку ни одговараат со стилот. Во овој прв дел од сезоната немавме можност да се сретнеме со екипа која игра таков атомски ракомет. Но, мислам дека треба да се грижиме повеќе за нас и нашата игра. На нашата игра е акцентот. Во оваа атмосфера имаме што да покажеме и гледачите ќе уживаат како и на секој европски натпревар во Битола. Да покажеме каква екипа сме кога играме на домашен терен“ се очекувањата на капитенот.
Мечот ќе се игра утре во Битола од 20.45 часот и е премиерен за двете екипи во Д групата во Европа Лигата.

 

- Оглас -

Најнови вести