Аргентинскиот репрезентатиец Анхел ди Марија се најде на удар на навивачите на Јувентус по неодамнешните објави на социјалните мрежи.
Ди Марија на својот профил на „Инстаграм“ објави реклама за „Адидас“ во која носи дрес на аргентинската репрезентација и овој потег ги налути навивачите на Старата дама, која исто така „ја облекува“ германскиот производител на спортска опрема.
Дел од фановите на Јувентус се разочарани од таквиот потег на Ди Марија и во коментарите на социјалните мрежи го нападнаа играчот дека се приклучил на Старата дама само за да остане во форма за Мундијалот во Катар.
„Дојде на одмор во Торино за седум милиони евра за да одиграш два натпревари за три месеци. Ти си достоен наследник на оној паразит Рамзи. Направи ни услуга и не се враќај по Светското првенство, не ни требаат играчи кои се грижат само за сопствените интереси како што си ти, кој заработуваш 23.000 евра за минута, нешто што огромното мнозинство Италијанци го заработуваат за две години“, се дел од коментарите на гневните навивачи на Јувентус.
Ди Марија летово потпиша едногодишен договор со Јувентус и ги фрли во транс навивачите кои очекуваа Аргентинецот да биде еден од клучните играчи на Старата дама во атакот на титулата во Серија А. Но, Аргентинецот не успеа да остави позитивен впечаток и со последниот потег уште повеќе ги налути навивачите.
Слична судбина го снајде и Леандро Парадес, кој во Јувентус пристигна на позајмица од ПСЖ. Играчот од средниот ред ја прослави титулата на Бока јуниорс на социјалните мрежи, што предизвика слични коментари кај навивачите на Јувентус, кои сметаат дека тој треба да се посвети на Старата дама и да гледа како тимот да излезе од кризата, а не да слави титула на аргентински тим.