Легендарниот швајцарски тенисер, Рожер Федерер, минатиот месец стави крај на неверојатната кариера во која освои 20 гренслем-титули и заедно со Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ се сметаат за најдобрите тенисери во историјата.
Федерер и покрај тоа што нема да биде активен на тениските терени, сигурно е дека засекогаш ќе биде интересен за медиумите, но и за своите тениски фанови.
Вчера на „Твитер“ се појави фотографија од 1998 година, кога Федерер имал 17 години и на неа тенисерот се наоѓа во собата во неговиот дом во Базел, а на ѕидовите покрај постерите на Мајкл Џордан, Шекил О‘Нил и Памела Андерсон, се наоѓа и македонско знаме.
Знамето е подарок од поранешниот македонски тенисер Лазар Магдинчев по неговиот меч со Федерер. Магдинчев и Федерер во 1998 година играле еден против друг на јуниорското Европско првенство што се одржувало во Швајцарија, а мечот завршил со триумф на Швајцарецот од 6:2,6:2.