Англичаните откриваат: Роналдо во јануари си оди од Јунајтед, три опции за негова замена

Англиските медиуми пишуваат дека Кристијано Роналдо во зимскиот преоден рок ќе си замине од Манчестер јунајтед.

Тие пишуваат дека Роналдо и управата на Црвените ѓаволи деновиве наводно се договориле за спогодбено раскинување на соработката која започна минатата година.

Португалецот во 2021 година по 12 години се врати на „Олд Трафорд“ и минатата сезона беше најдобар стрелец на екипата, но оваа падна во втор план кај менаџерот Ерик тен Хаг. Роналдо уште во летниот преоден рок побара од управата на клубот да го стави на трансфер-листата бидејќи сакаше да игра во Лигата на шампионите, додека Манчестер јунајтед сезонава игра во Лигата на Европа.

Тензиите на релација Роналдо – управа и тренер за време на подготовките доведоа до тоа Португалецот да падне во втор план кај Тен Хаг и шанса на натпреварите во Премиер лигата најчесто да добива од клупата, и тоа во последните моменти од мечевите.

Минатата недела Роналдо одби да влезе во игра против Тотенхем, што беше момент кој ја натера управата на Јунајтед во јануари да се раздели со Португалецот.

Весникот „Дејли мејл“ пишува дека три имиња се наоѓаат во нотесот на Ерик тен Хаг како потенцијални наследници на Роналдо, тоа се Муса Дембеле од Олимпик Лион, Патрик Шик од Баер Леверкузен и Џонатан Дејвид од Лил.

- Оглас -

Најнови вести