Шефицата на обвинителството во Торино, Ана Марија Лорето, потврди дека 16 челници на Јувентус се обвинети за измами и може да се соочат со судски процес поради наводно лажирање на финансиските извештаи, објавија италијанските медиуми.
Обвинителката Лорето побарала претседателот на Јувентус, Андреа Ањели, да биде во куќен притвор додека трае истрагата, но судијата го одбил предлогот поради недостаток на докази.
Вкупно 16 лица вработени во италијанскиот тим се наоѓаат под истрага, а покрај Ањели, обвинителството се сомнева дека во криминални активности учествувале и потпретседателот Павел Недвед, извршниот директор Маурицио Аривабене и поранешниот спортски директор Фабио Паратичи, кој сега е директор во Тотенхем.
Јувентус е обвинет дека ги лажирал финансиските извештаи за 2018, 2019 и 2020 година.
Според обвинителството, Јувентус со фалсификување на документи сокрил загуби од околу 200 милиони евра за периодот од 2018 до 2021 година. Челниците на Старата дама пријавиле дека загубите изнесуваат 339 милиони евра, но обвинителството тврди дека реалната сума е 542 милиони евра.
Обвинителството наводно има докази и дека фудбалери на Јувентус не се откажале од дел од платите за време на пандемијата на корона-вирусот, а клубот пријавил дека на играчите им ги намалил примањата.
Весникот „Ла Стампа“ пишува дека актуелниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Кристијано Роналдо, кој од 2018 до 2021 година го носеше дресот на Старата дама, одбил да дојде на распит иако тоа го побарало обвинителството во Торино.