Италијанските инспектори пронајдоа „таен документ“ потпишан од Јувентус и Кристијано Роналдо во кој клубот му ветил на својот поранешен фудбалер дека ќе му исплати 20 милиони евра и покрај тоа што најавил корекции на платите за време на пандемијата на корона-вирусот, пишува „Газета дело спорт“.
Јувентус се наоѓа под истрага за измама, клубот е осомничен дека ги фалсификувал финансиските извештаи од 2018 до 2021 година, а 16 челници на тимот, меѓу кои се претседателот Андреа Ањели, потпретседателот Павел Недвед, спортскиот директор Маурисио Аривабене се под истрага, потврди обвинителството во Торино.
Според обвинителството, Јувентус со фалсификување на документи сокрил загуби од околу 200 милиони евра за периодот од 2018 до 2021 година.
Инспекторите исто така се обидуваат да докажат дека играчите на Јувентус не се откажале од целосната исплата на платите за време на екот на пандемијата во март 2020 година, но клубот објави дека им биле исплатени плати за три наместо за четири месеци откако потпишале приватни договори со клубот.
Италијанската финансиска полиција ги разгледува приватните договори меѓу клубот и играчите, вклучувајќи го и Кристијано Роналдо.
Инспекторите за тајните договори дознале од прислушувањето на телефонските разговори на директорите на Јувентус минатиот декември, а според „Газета дело спорт“, бил пронајден документ што е потпишан од Роналдо и клубот.
Во договорот наводно пишува дека Јувентус му ветил на Роналдо дека ќе му плати 19,9 милиони евра дури и доколку си замине од клубот, а обвинителството тврди дека исплатата што ја договориле двете страни не била регистрирана во финансискиот извештај на Јувентус.
Шефицата на обвинителството во Торино, Ана Марија Лорето, побарала Роналдо да даде објаснување за тајниот документ, но Португалецот одбил да разговара со обвинителите.