МЗТ Скопје лесно го доби вечното дерби против Работнички со 66:47 и побегна од долниот дел на табелата по три кола во новото домашно првенство.
Интересно е што двата наши кошаркарски гиганти го почнаа мечот како две последнопласирани екипи, а по дербито, Работнички остана фенерџија со 3 порази и како единствена екипа без победа.
Аеродромци беа многу подобри, доминираа во сите сегменти на играта и лесно го победија вечниот ривал во загушлива атмосфера во салата на „Кале“.
Навивачите запалија пиротехнички средства и речиси целиот меч се играше во магла на кошаркарскиот терен во Скопје.
Работнички водеше само двапати на мечот, во првата четвртина со 3:2 и потоа и со 13:11, а сè останато беше во знакот на условно кажано гостите од Аеродром.
МЗТ направи серија од 6:1 во финишот на првата четвртина и поведе со 19:14, потоа му дозволи на големиот ривал да даде само 8 поени во вториот период, а постигнаа 20 и разликата на полувреме беше 17 поени, 22:39 за МЗТ Скопје.
Во третиот период беше израмнето 11:11 и веќе беше јасно кој ќе победи. Во последната четвртина беше 16:14 за МЗТ Скопје, за конечна уверлива победа од 19 поени разлика.
Ајви кај МЗТ Скопје и Крафорд кај Работнички беа најефикасни со по 16 поени, Крстевски кај гостите уфрли 14, а Војдан Стојановски даде 11 поени. Уште само Бакоч кај Работнички имаше двоцифрен број на поени, точно 10 во скромното со кошеви вечно македонско дерби.