Првото полувреме помеѓу ракометните селекции на Македонија и Шпанија на Светското првенство минува во знакот на нашиот голман Никола Митревски. По првите 30 минути, резултатот е 13-12 за „црвената фурија“, но според прикажаното, Македонија не е без шанси и сигурно ќе има борба до крај.
Македонија го изненади фаворитот во првите 10 минути, водевме со 5-2, три минути подоцна беше и 6-3, Никола Митрески најави дека е расположен и блескаше на голот. Шпанија до првото водство дојде дури во 20-тата минута, кога поведе со 8-7, а второто водство им беше 12-11 во 29-тата минута, а на крајот повторно дојде до минимален плус.
Од 12-те гола кои ги даде Македонија во првото полувреме, седум постигнаа браќата Лазарови (Кирил 5 и Филип два), по два дадоа Пешевски и Манасков, но засега централна фигура е Митревски со двоцифрен број фатени шутеви на противникот.