Кошаркарите на Оклахома сити тандер славеа по продолжението од пет минути со 117:111 против Далас маверикс откако успеаја да надоместат негатива од осум поени во последните две минути од регуларното време.
Најзаслужни за триумфот на Оклахома сити беа Шаи Гилџеус-Александер и Ајзеа Џо. На спротивната страна Лука Дончиќ оствари нов трипл-дабл, но интересно е што на Далас му одеше подобро кога Словенецот беше на клупата.
Далас во последната четвртина влезе со негатива од еден поен, но дојде до предност од 15 поени и тоа кога Дончиќ одмораше на клупата. Словенецот се врати во игра резултат 94:79 за неговиот тим на 5:30 минути до крајот на средбата, но противникот направи неверојатна серија од 20:5 и го однесе натпреварот во продолжението од пет минути.
Во тие моменти блескаше блескаше играчот што најчесто влегува од клупата за резервни играчи, Ајзеа Џо кој даде седум поени до крајот на регуларниот дел и уште осум поени во продолжението.
На Далас залудно му беше тоа што Дончиќ петти натпревар по ред постигнува преку 30 поени, а втор меч по ред има трипл-дабл (31 поен, 16 скока и 10 асистенции) бидејќи лошо шутира од игра. Тој против Оклахома го промаши шутот за победа во последната секунда, а ги промаши и сите шест шута за три поени.
Продолженија се играа и во Шарлот каде домашниот тим славеше со 120:113 против шампионот Голден Стејт. Пи Џеј Вашингтон постигна 31 поен, Гордон Хејворд 23, а Кевин Убре 18 поени за Шарлот, додека кај Воините, Стеф Кари беше најпрецизен со 31 постигнат поен, а Џордан Пул даде 24, но изостана поддршката од останатите играчи.
Милвоки бакс останува единствен тим во НБА што нема пораз и против Атланта ја оствари петтата победа во петтиот меч. Милвоки до победата од 123:115 дојде благодарение на двоецот Јанис Адетокумбо – Џру Холидеј кои дадоа по 34 поени. На Атланта залудни и беа 42-та постигнати поени на Тре Јанг.
Филаделфија со 114:109 го победи Чикаго, а во уште една пресметка на Истокот, Индијана со 125:116 го совлада Бруклин нетс, додека во Западната конференција, Јута џез со 124:123 беше поуспешна од Мемфис гризлис.