Макс Ферстапен тргна од пол-позицијата, имаше добар старт и без проблеми победи на вечерашната трка од Формула 1 шампионатот која се возеше во Мексико сити.
За Ферстапен ова е 14-та победа во 2022 година и тоа е нов рекорд во Формула 1. Михаел Шумахер имаше 13 победи на 18 трки во 2004 година и тоа е подобар просек од просекот на Ферстапен, кој годинава има 14 победи на 20 трки.
Староновиот првак не му дозволи на Луис Хамилтон да го претестигне и стратегијата на Ред Бул со пит-стопот функционираше, па триумфот не беше доведен во прашање. И на трето место се најде пилот на Ред Бул, Мексиканецот Серхио Перез, кој имаше огромна поддршка од трибините.
Уште на квалификациите се виде дека на болидите на Ферари не им одговара патеката, па Мерцедесите беа тие што пробуваа да го загрозат Ред Бул.