По големиот притисок од земјата и од странство, како и најавата дека дел од најдобрите играчи нема да се јават на повикот, Извршниот одбор на Фудбалската федерација на Босна и Херцеговина на денешниот состанок одлучи пријателскиот фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Русија и Босна и Херцеговина да не се одигра.
Седницата траела многу кратко, што значи дека претходно се разговарало за натпреварот меѓу Русија и БиХ, а одлуката денеска била официјализирана, објави телевизијата Н1.
„На денешната седница на Извршниот одбор на Фудбалската федерација на Босна и Херцеговина, натпреварот планиран за 19 ноември беше одложен. Претседателот на ФФ БиХ, г. Вицо Жељковиќ, изјави дека одигрувањето на овој пријателски натпревар ќе биде предолжено за некој нареден период“, стои на интернет-страницата на Федерацијата.
Фудбалската федерација на БиХ на почетокот на септември соопшти дека ја прифатила поканата на Русија да одигра пријателски натпревар на 19 ноември во Санкт Петербург.
Набргу потоа следуваа реакции во јавноста, но и од самите репрезентативци на БиХ, па Миралем Пјаниќ, Един Џеко и Анел Ахмедхоџиќ најавија дека нема да одговорат на поканата да играат на тој натпревар.