Управата на Јувентус веќе започна да се подготвува за идната сезона и првата промена се очекува да биде на тренерската клупа. Масимилијано Алегри, кој не ги исполни очекувањата на челниците и навивачите на Јувентус, ќе ја заврши оваа сезона како тренер, а потоа би требало да биде заменет со Антонио Конте.
Италијанецот моментно го предводи Тотенхем и добро му оди и во ЛШ и во Премиер лигата, а веќе има понуда за нов договор со Петлите според кој би имал плата од 20 милиони евра годишно.
Но, Конте одолговлегува со потпишувањето бидејќи има намера да се врати во Серија А, и тоа во клубот во кој беше капитен и тренер, со што би им зарил нож во срцето на навивачите на Интер бидејќи со Нераѕурите пред две години ја освои титулата.
Според италијанските медиуми, Конте во случај на враќање во Старата дама, бара гаранции дека ќе му бидат купени Сергеј Милинковиќ-Савиќ од Лацио и Матео Бастони од Интер.
Договорот на Милинковиќ-Савиќ со Лацио трае да 2024 година, а претседателот на римскиот тим неодамна најави дека Србинот чини над 100 милиони евра.
Втората голема желба на Конте во случај да се врати во Јувентус е Бастони, играчот на Интер.
Токму Конте му даде шанса на Бастони во првиот тим на Интер во шампионската сезона, по што дефанзивецот стана и италијански репрезентативец и неизоставен дел од одбраната на Нераѕурите.