Убава роденденска честитка за Сполстра, неговите играчи го победија шампионот (Видео)

Џими Батлер се погрижи Жешките на вистински начин да му го честитаат 52-риот роденден на тренерот Ерик Сполстра, Мајами со пресврт славеше против шампионот Голден стејт вориорс со 116:109.

Најзаслужен за триумфот беше токму Батлер, кој постигна пет поени по ред во последните две минути од мечот и ги реши дилемите околу победникот. Со тоа Батлер успеа да го неутрализира трипл-дабл учинокот на Стеф Кари од 23 поени, 13 скока и 13 асистенции.

Воините сè уште немаат победа на гостински терен сезонава (0-4), а згора на тоа имаат негативен учинок по осум меча (3-5). Тие на Мајами му ја подарија победата бидејќи направија 20 грешки од кои Жешките постигнаа 28 поени.

На Бруклин нетс не му помогна ниту смената на тренерот Стив Неш и загуби од Чикаго со 99:108. Зек Лавин постигна 20 од своите 29 поени во последната четвртина и е најзаслужен за триумфот на Биковите.

Кевин Дурант со 32 поени беше најдобар кај Бруклин, но затоа потфрли втората ѕвезда, Кајри Ирвинг, кој шутираше очајно и погоди само 2 од своите 12 шута и ги промаши сите 6 шута за три поени.

Феникс санс ја оствари петтата победа по ред откако славеше со 116:107 над Минесота тимбервулфс. Камерон Џонсон со седум тројки и 29 постигнати поени беше тајното оружје на Сонцата, кај кои се истакна и Крис Пол со 15 поени и 12 асистенции.

Во победничка серија се наоѓа и Оклахома сити тандерс, која против Орландо меџик дојде до четвртата победа во низа, и тоа со 116:108.

 

- Оглас -

Најнови вести