Женската ракометна репрезентација на Црна Гора успеа да го победи еден од фаворитите за титулата на Европското првенство, селекцијата на Шпанија со 30:23 во првото коло во групата Д.
Црногорките носени од публиката во салата во Подгорица одиграа одлично во одбраната во првиот дел. Голманката Рајчиќ имаше девет одбрани, а Шпанките со многу мака постигнуваа голови, но грешеа и ракометарките на Црна Гора поради големата желба за победа.
Лошата игра на двете репрезентации резултира со малку постигнати голови во првиот дел, вкупно 21, а на одмор со предност заминаа Црногорките (12:9).
Во второто полувреме, работите тргнаа на подобро за Црна Гора која со три гола во серија на поранешната вардарка Јованка Радичевиќ поведе со 17:12. Серијата продолжи и во наредните минути за плус седум (19:12) со што беа решени сите дилеми околу победникот.
Токму Радичевиќ со пет гола беше најдобра во победничката селекција, додека кај Шпанија се истакна Барбоса со исто така пет постигнати голови.
Во вториот меч од групата Д што се игра во Подгорица, Германија ја оправда фаворитската улога и со 25:23 ја совлада Полска. Гријселс со осум и Болк со шест гола беа најпрецизни во редовите на Германија, додека Балсам постигна пет гола за Полска.
Во групата Ц, идниот противник на Македонија, селецијата на Холандија во неизвесен натпревар со 29:28 ја победи Романија.
Холанѓанките во најголем дел од мечот беа во водство, а во второто полувреме дојдоа до високи 22:17, но Романките не се предадоа. Во последните десет минути од мечот влегоа со минус еден (24:23) и најавија неизвесна завршница. Во неа, подобро се снајдоа Холанѓанките кои дојдоа со минимален триумф. Лаура ван дер Хејден постигна седум гола за Лалињата, додека Пинтеа, Грозав и Бучеши дадоа по пет за Романија.