Селекторот на машката кошаркарска репрезентација, Александар Јончевски, смета дека мора да се искористи предноста на домашен терен на двата претстојни натпревари од претквалификациите за ЕП 2025.
Македонија на 10 ноември игра против селекцијата на Норвешка и три дена подоцна за противник ја има Данска, а двата натпревари ќе се играат во Гевгелија.
„И пред почетокот на претквалификациите во плановите беше освојување на првото место бидејќи единствено води во следната фаза, односно во главните квалификации. Отворивме со две победи и си ја олеснивме работата со оглед на тоа што играме на домашен терен. Играме против Норвешка, која, исто така, има две победи, и тоа со голема разлика. Верувам дека овој натпревар е одлучувачки, не дека нема шанса за поправен. Но, треба да го искористиме домашниот терен и да ја потврдиме победата против Данска“, вели Јончевски.
Селекторот има и свој коментар за ангажирањето на Американецот Ти-Џеј Шортс:
„Што се однесува до новиот играч во составот, имаше интерес за натурализација и за други кошаркари. Но, се одлучивме за Ти Џеј Шортс, кој има одлични квалитети на плејмејкерската позиција, а избравме организатор на играта бидејќи нема да сметаме на Димитријевиќ, кого и се надевам дека добро ќе го замени“.
Во ноемвриските квалификациски натпревари, Јончевски нема да може да смета на неколку клучни кошаркари, прво од комбинација за настап отпаднаа Димитријевиќ и Јакимовски, а подоцна и Николов.
„Точно е дека сега сме послаби во однос на августовските натпревари поради неиграњето на Димитријевиќ и Јакимовски, кои се стартери. Во следните 2-3 дена Шортс ќе се обиде да се вклопи во тимот и се надевам дека отсуството на двајцата кошаркари ќе го надополнат останатите, како Војдан Стојановски, Магдевски, Мекиќ…“, вели Јончевски пред стартот на мини-подготовките кои ќе се одвиваат во салата „26 Април“ во Гевгелија.
Првиот тренинг е предвиден за вечерва од 18 часот.