Матеуш Клих нема да игра на Мундијалот во Катар, што е едно од најголемите изненадувања на полскиот список на селекторот Чеслав Михниевич.
Фудбалерот за врска на Лидс е еден од најпознатите и најквалитетни на таа позиција во англиската Премиер лига, но и редовните настапи во една од најсилните лиги на светот не му беа гаранција за учество на Мундијалот.
„Ова е еден од моите најтешки денови во животот. Полска има толку многу квалитетни фудбалери, а јас треба да објавам список само со 26-мина кои ќе патуваат за Катар. Посветив многу време за да направам најдобар можен избор“, изјави селекторот на Полска.
Тој ја објасни и ситуацијата со Клих, играч за кого се очекуваше сигурно да патува за Катар, дури и да биде член на стартната постава на Полјаците.
„На таа позиција ги имаме Бјелик и Криховјак, на тој дел од теренот можат да играат и Дамијан Шимански и Журковски. Кога ги имате и Зјелински и Себастијан Шимански тогаш доаѓате до решение дека нема место за Клих. Жал ми е за сите што заслужија да играат на Светско првенство, но нема места за сите“, додаде Михниевич.
Клих има 41 настап за Полска, постигнал два гола и со оглед на годините, а ги има 32, ова веројатно ќе значи и простување од дресот со националните бои.
https://twitter.com/FabrizioRomano/status/1590711465107156993?s=20&t=VhDWSsYr107vKBRkJeuyFA
Полска ќе игра во Групата Ц на Светското првенство, а премиерата им е против Мексико на 22 ноември.
Потоа ќе играат со Саудиска Арабија на 26 ноември и за крај на фазата по групи ги чека меч со Аргентина на 30 ноември.